Скопските градоначалници на координација околу актуелните состојби во главниот град

На иницијатива на претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска ќе се одржи координација на градоначалниците на скопските општини. Темата на координативниот состанок, според најавите, ќе бидат актуелните состојби во Скопје.

Претседателот на ЗЕЛС и премиерот Христијан Мицкоски вчера потпишаа Меморандум за соработка кој, меѓу другото, ги утврдува приоритетите и идните проекции на развојот на системот на локалната самоуправа во земјава.

Во изјава за медиумите, Мицкоски вчера порача оти институциите кои се под надлежност на Град Скопје мора да ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град. Доколку за една недела нема напредок, премиерот најави оти Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како оние со јавниот градски превоз и хигиената во градот.

-Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзано со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на народна Влада, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани, рече Мицкоски.

Подоцна во текот на денот, Град Скопје преку објава на Фејсбук информира оти до крајот на неделава почнува со вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија кои се под негова надлежност. Резутатите од ревизијата ќе бидат објавени јавно, а доколку се констатираат неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, како што најавуваат од Градот, за тоа ќе бидат известени надлежните институции.

Претходна вестПочнува Богородичниот пост
Следна вестНема веќе активни пожари кај Атина, Властите велат дека постои висок ризик од нови