Скулптура што визуелно ја претставува бактеријата Ешерихија Коли утрово е поставена во Градскиот парк фонтаната „Лотос“ како потсетување на недостатокот на јавни тоалеи во Скопје. Зад ова герила-акција стои уметникот Озбек Ајваз кому ова не му е прва ваква акција.
-Проширувањето на бактеријата Ешерихија Коли поради недостатокот на јавни тоалети во Скопје, како метропола на оваа држава, претставува сериозна здравствена опасност. Ешерихија Коли, е патогена бактерија која се наоѓа во долниот дел на човековиот дигестивен тракт, и не смее да дојде во горниот дигестивен тракт (желудник, хранопровод, тенки црева) бидејќи во тој случај таа може да предизвика сериозни гастроинтестинални инфекции кај луѓето, се вели во описот за акцијата.
Уметникот Ајваз вели дека ова е дел од серијата акции за подигнување на свеста за немањето јавни тоалети во Скопје.
-Со недостатокот на јавни тоалети, граѓаните се ставени во неудобни ситуации бидејќи не можат да одржат адекватна хигиена, што зголемува ризик од заболувања што се пренесуваат преку контакт, како што е наведената бактерија. За да се намали овој ризик и да се обезбеди подобра хигиена и здравје за граѓаните, неопходно е да се инвестира во изградба и одржување на доволен број на јавни тоалети ширум градот. Освен тоа, потребни се и стратегии за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на хигиената и користењето на јавните тоалети, вели Ајваз.
Кон крајот на јануари тој постави неколку пораки по разни локации со цел да се укаже на недостатокот на јавни тоалети.