Слаба заинтересираност на децата за вакцинирање, бројот на активни случаи расте во последните 10 дена

Денеска почнува вакцинацијата на децата од 12 до 17 години. Пријавени се многу малку, околу 1800 млади и сите имаат термин за да добијат вакцина, а ќе ја примат фајзеровата.

Според дел од научниците Македонија е се уште далеку од колективен имунитет стекнат како преку прележување така и преку вакцина. Во моментот бројот на активни случаи е за 100 проценти поголем отколку пред 10 дена. Битолскиот професор Дејан Трајковски, кој врз поставени алгоритми, прави статистички анализи за корона вирусот, од самиот почеток на пандемијата и досега прецизно ги предвиде тековите. И сега предвидува раст на кривата.

– Ефективниот репродукционен број, моментално е над единица, 1,30 што е доволен доказ дека немаме задоволителен степен на колективен имунитет од прележување и вакцинираност, комбинирано. Тоа значи дека бројките и натаму ќе растат, во летото помалку, а со доаѓањето на есента тој раст ќе се интензивира и ќе дојде до нов бран. Нема да биде толку силен како досегашните, меѓутоа населението ќе мора да го прележи, се додека не се достигне тој комбиниран степен од 80- 85 проценти. Но, добрата вест е што тоа ќе биде последниот бран за епидемијата, зашто при стапка на прележаност и имунизираност од 85 проценти, дури и да се појави некој поинфективен сој, нема да има простор за ширење. Ќе продолжи со спорадични заразувања како некоја ендемична болест, доколку не се појави некој мутант што би го заобиколил досегашното имунизирање. Но, засега нема индиции за такво нешто, вели Трајковски за Алфа.

Што се однесува до вакцинацијата без закажан термин, и нејзиниот одзив последниве денови е слаб. Исто како и заинтересираноста кај децата. Што се однесува до последните, лекарите се со поделени мислења. Едни сметаат дека како ризична категорија за ширење на вирусот и децата треба да се вакцинираат, додека пак другите, дека доволно е повозрасната популација да се имунизира оти на тој начин ќе биде отпорна во допирот со вирусот.

Претходна вест„Тиргите“ апсеа во Дебар Маало
Следна вестПрв „Скопски поетски фестивал“ на 1, 2 и 3 септември