Славјанка Петровска го доби Драган Ковачки на суд и се откажа од паричен надомест

Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ ја клеветел министерката за одбрана Славјанка Петровска кога изјавувал дека таа има луксузна хациенда во скопската населба Радишани. Ваква пресуда донел Основниот граѓански суд Скопје во судскиот процес кој го поведе Петровска. Таа денеска на својот профил на Фејсбук објави дека Судот пресудил дека Ковачки зборувал невистини.

-Како што ветив транспарентност од почеток до крај на процесот против изнесените лаги, клевети и навреди од страна на Драган Ковачки врз мене сакам да Ве известам дека Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста. Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки, објави Петровска.

Таа додаде дека нема да бара парична отштета од него.

-Како што кажав и на почетокот во медиумите: “Пари од нечесник не сакам” и Ве известувам дека се откажав од паричниот надомест. Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа, нагласи министерската за одбрана.

Во судската одлука се наведува дека ОС Скопје утврди граѓанска одговорност на тужениот Драган Ковачки за сторена клевета на начин што на 18 11. 2022 година на прес-конференцијата кажал дека Славјанка Петровска е фатена во лага и јавноста виде дека поседува луксузна хациенда со базен во Радишани која сакаше да ја сокрие од јавност.

Претходна вестКуќен притвор од 48 часа за двајца од уапсените за убиството на лекарот во скопска Железара
Следна вестМеѓународна научна конференција „Македонците и Граѓанската војна во Грција (1946-1949): 75 години потоа“