Славјанка Влахчева – долг е списокот на направеното од првата медицинска сестра во Македонија

Македонија снемува медицински сестри – си заминуваат од земјава. А многу се важни, голем дел од здравството токму на нив се потпира. Нашата земја изнедрила многу прекрасни жени во бело кои како мравки вредно работат во амбулантите, болниците…

Во македонски прилики хуманата професија каква што е медицинска сестра се врзува за името на Славјанка Влахчева. Родена е во Штип во 1900 година и е запаметена како прва образована медицинска сестра во земјава. Таа го основала првото медицинско училиште во Македонија, а позната е и по многу други работи коишто ги направила за време на својот животен пат кој траел до 4 април 1988 година, односно заврпил токму на денешен ден во посочената година.

Во својот роден град завршила шест класа гимназија и своето образование го продолжила во Белград во училиштето за сестри нудилки. По завршувањето во првата генерација Славјанка станала првата македонка, медицинска сестра. Во 1924 година се вратила во својот роден град Штип за да работи во тукушто отворената маларична станица. Во 1930 год. доаѓа во Скопје да работи во Антитуберкулозниот диспанзер преку зима, а во село Љубанци каде што помага во опоравувањето на болните од туберкулоза во летниот период.

Таа има особена заслуга за воведувањето на патронажната служба и спроведувањето на БСЖ вакцининацијата. Во периодот на Втората светска војна помагала во набавувањето на санитетски материјал и лекови. Во борбата за ослободување на Скопје и се придружува на Четиринаесеттата Народно Ослободителна Ударна бригада „Димитар Влахов“ каде што помагајќи им на ранетите и самата била ранета.

Влахчева, која често ја нарекувале и како „Македонско девојче во бело“, по ослободувањето од Министерството за народно здравје добива задача да отвори училиште за медицински сестри во Скопје. Во тоа успева и во 1945 година училиштето коешто подоцна ќе образува многу генерации сестри почнува со работа, а таа е именувана и за прв директор. На оваа функција останува до крајот на школувањето на првата повоена генерација на медицински сестри во Македонија .

Во 1947 година Министерството за народно здравје ја поставува за началник со задача да ја прошири мрежата на медицински училишта низ целата земја. Отворени се училишта за акушерки, забни техничари и помошници аптекари, нови лаборатории, а подоцна и училиште за санитарни техничари. Од 1950 година како началник на одделението за борба против туберкулоза учествува во отварањето и работата на Клиниката за туберкулоза на коски во Охрид, Специјалната болница за туберкулоза во Битола и БСЖ службата за работа на терен .

 

На предлог на Црвениот Крст на Југославија Славјанка Влахчева, Иванка Караѓозова, Ружа Стојанова, Ленче Кепева и Цвета Хаџи – Василева се петте Македонки кои добија едно од најголемите признанија во светот за хуманост – медалот „Флоренс Нејтингел“. На Основачкото собрание на Здружението на медицински сестри , техничари и акушерки на Македонија едногласно беше донесена одлука Здружението да го носи името на Славјанка Влахчева, првата медицинска сестра од Македонија. Во штипскиот Музеј се чуваат нејзините лични предмети како и признанија, ордени и пофалници кои ги има многу.

Претходна вестОблачно и студено, со повремен дожд и снег
Следна вестСе заканува ли нова епидемија на морбили, експертите предупредуваа уште во јануари!