Во текот на следните два дена (четврток и петок), целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза, предупредува Министерството за здравство.
Поради тоа, се препорачува да се почитуваат општите мерки од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, кои предвидуваат:
-Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
-Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.
-Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.