ЕУ не е тука да утврдува кој е во право, а кој не, во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот, порачаа денеска во заедничката колумна шефовите на дипломатиите на Словачка и на Чешка Иван Корчок и Томаш Петричек. Во заедничкиот текст објавен во „ЕУ опсервер“ тие се осврнуваат на бугарското блокирање на почеток преговорите на ЕУ со Македонија.
Министрите исто така, детално ги објаснуваат мотивите што нивните две држави во декември 2020 одлучија да го блокираа усвојувањето на заклучоците за проширување на Западен Балкан во Советот на ЕУ бидејќи не се согласуваа во нив да биде вметнато „погрешното толкување на историјата“.
-Европската унија е заснована на единство во различноста, не на проценка и категоризација. Отворените билатерални прашања за историјата треба да се решаваат билатерално. Тоа не е краток или лесен процес, но може да се направи, а ние го знаеме тоа од сопствено искуство. Прифаќањето на бугарските барања би значело големо отстапување од принципите според кои досега се регулираше процесот на проширување и се дел од подобрениот процес на преговори – транспарентност и предвидливост, пишуваат тие во заедничката колумна.
Корчок и Петричек се уверени дека пречките ќе се надминат и во текот на португалското претседателство со Советот на ЕУ ќе може да се направи чекор понатаму – постигнување консензус за усвојување на преговарачките рамки за Македонија и Албанија.
-Бевме принудени да постапиме така за да спречиме историските прашања да се вметнат во проширувањето и ЕУ да се стави во улогата на арбитер. На силна ЕУ ѝ треба силно и стабилно соседство. Тоа секогаш беше една од клучните цели на проширувањето на Унијата – да им се помогне на земјите кои имаат шанса за членство да го прифатат правото и вредностите на ЕУ, како и да им се понуди партнерство на еднаквост, објаснуваат двајцата шефови на дипломатиите за блокадата на заклучоците.
Корчок и Петричек нагласуваат дека нивниот фокус сега се земјите од Западен Балкан за да се обезбедат безбедност и стабилност и дека нивната европска перспектива треба да се држи отворена. Спротивното би значело отворање на вратите за надворешни сили кои се желни да се пробијат таму и да го дестабилизираат европскиот проект. Тие посебно потенцираат дека Македонија е земја која добива мешани сигнали од ЕУ.
-Оваа земја, велат тие, веќе 15 години е во центарот на двосмисленоста на ЕУ. Со текот на времето, таа ги исполни сите побарани услови, дури и најтешкото поврзано со нејзиното име. Се сомневаме дека која било друга земја членка на ЕУ во моментов би имала капацитет и желба да го направи истото. Сепак, ветената награда за отворање на пристапните преговори не се оствари, пишуваат Корчок и Петричек.
Тие нагласуваат дека доколку ЕУ не успее да ги испочитува сопствените принципи и да ги оствари своите ветувања, тоа би било пропуштена шанса за Унијата. Сметаат дека со ова корист би имала националистичката реторика во регионот што нема да ѝ биде од интерес на Унијата и што може да предизвика повеќе опасност, притоа не исклучувајќи и конфликти.
Инаку, денеска токму шефот на словачката дипломатија Иван Корчок е во работна посета на земјава. Освен средба со неговиот колега Бујар Османи, тој ќе се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.