Со словенечка помош во вредност од 2,1 милиони евра ќе се реализираат пет инфраструктурни проекти во пет македонски општини. Тоа го овозможува Меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023-2024 година што денеска го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон врз основа на договорот за Развојна соработка потпишан уште во 2004 година.
Согласно Меморандумот, Владата на Словенија со 1,3 милиони евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување на отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро, а со 225 илјади евра изградбата на хидроцентралата Б на браната Кнежево во општина Кратово чиј вкупен буџет изнесува 450 илјади евра. Со 224 илјади евра ќе ја помогне изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани чиј вкупен буџет изнесува 448 илјади евра, со 100 илјади евра ќе го кофинансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип, а со 50 илјади евра ќе помогне во поставувањето соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 100 илјади евра.
-Станува збор за проекти што ќе им донесат сериозни директни придобивки на граѓаните на овие пет македонски општини, но и на целата наша држава. Уште на почетокот на 2024 година ќе започнеме со координација за нови проекти за следниот меморандум за разбирање кој ќе важи за 2025 и 2026 година, рече Маричиќ на прес-конференцијата во Владата по потпишувањето на Меморандумот.
Словенечката министерка Фајон рече дека Македонија е една од најважните партнерки на Словенија.
-Ние веќе десетици години не само што помагаме за влез на Македонија во ЕУ тоа го поддржуваме и со развојни проекти. Денеска го потпишавме петтиот меморандум, рече Фајон и додаде дека од 2010 година досега Словенија инвестирала повеќе од 43 милиони евра во земјава во проекти за заштита на животната средина, рече таа.