Најстрога казна за обвинетите во случајот со автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, побара деенска јавниот обвинител Дарко Јакимовски. Тој и одбраната на обвинетите денеска ги даваат завршните зборови.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.
Обвинителот Јакимовски рече дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето. Тој истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 загинати лица.
-Било прашање на време само по која основа хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици. Овој настан има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти. Постои цел корпус на безбедносни задолженија и обврски кои овие обвинети во континуитет не ги почитувале. Останува само овие пропусти да бидат казнети, рече тој.
Според него, сите вештаци на кои обвинителството ги темелело доказите, во ниту еден момент не калкулирале со доказите, а во другите вештачења, како што рече, се само препишани пресметките.
– Ниту еден факт не е доведен под сомнение од одбраната на начин познат и признат од сообраќајната наука, рече обвинителот.
Тој даде осврт и на одбраната на обвинетите, при што, како што рече „никој од одбраната не негира дека нема вина“.
– Но, според одбраната на секој обвинет во оваа незгода, одговорноста за сите пропусти ја префрла на некој друг, рече обвинителот.
Јакимовски посочи дека доколку се анализира одбраната на првите петмина осомничени, се добива впечаток дека сѐ зависело од шестоосомничениот – возачот на автобусот.
– Ако, пак, се проучи одбраната на шестообвинетиот, се покажа како во автобусот воопшто да немало возач, рече обвинителот.
Тој нагласи дека вина за оваа сообраќајна незгода имаат сите обвинети.
Полномошниците на оштетените се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и предјавија трошоци.
Во вториот дел од судењето следат завршни зборови на одбраната на обвинетите.