Сослушување на поранешниот и на актуелниот министер за здравство Венко Филипче и Фатмир Меџити е закажано за денеска пред Анкетната комисија која треба да да утврди политичка одговорност за скандалот со лековите на Клиниката за онкологија. Пред пратениците, како што најави претседателката на комисијата Рашела Мизрахи прв ќе зборува Филипче, а потоа Меџити.
Поранешниот министер за здравство Филипче, кој функцијата ја вршел во периодот од декември 2017 година па до јануари 2022 година, досега малку коментираше за скандалозните случувања во оваа здравствена институција. Тој на 6 октомври само кусо изјави дека ќе дојде да сведочи пред Анкетната комисија.
-Во времето додека бев министер, онколошките пациенти добија современа терапија и воведовме низа олеснувања за нив со што значително им го подобривме квалитетот на животот. Се надевем дека случајот ќе се расчисти во најкус рок затоа што довербата во Клиниката за онкологија не смее да биде нарушена, додаде тогаш Филипче.
Актулениот министер за здравство Фатмир Меџити, пак, изјавуваше дека во истрагата нема да биде поштеден никој.
-Како министер ви гарантирам дека со моите надлежности, без компромис, нема да штедиме никого и ќе работиме. Тоа што ќе го докажеме, ќе го санкционираме до крај, изјавуваше Меџити.
Комисија досега донесе неколку заклучоци меѓу кои одговорните на Клиниката за онкологија да ги спроведат препораките на државниот ревизор од извештајот за 2021 година, да изготват медицински протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија, и да спроведат попис на сите средства согласно правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.
Државниот завод за ревизија во март годинава објави ревизорски извештај, каде меѓудругото, се наведува дека се набавувала биолошка терапија, а немало доволно пари за тоа, немало ниту медицински протоколи, односно упатства со кои ќе се воспостават правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија.
Инаку, досега пред Анкетната комисија, за случајот на злоупотреби од медицински работници кои давале физиолошки раствор наместо цитостатици зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.
Министерот Оливер Спасовски кажа дека освен кривична, се водат и финансиски истраги за околу седум лица поврзани со продавање на лекови наменети за болните од рак од поединци во белите мантили кои положиле Хипокритова заклетва. Тогаш Спасовски рече дека секој за кој ќе се утврди вина, ќе понесе одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден.