Со извештајот од Лекарската комора не се затвора случајот со родилката од Дебар на која во струшката болница при породувањето и беа извадени матката, јајник и бубрег, а стручната комисија не откри лекарска грешка.
Министерството за здравство следната недела ќе ги разгледа сите извештаи од наодите во врска со овој случај и ќе донесе став.
-Не е само стручниот извештај во случајов, има и други наоди. Тоа е наодот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, тоа е делот од тој наод којшто е пратен во Обвинителството и ние во текот на следната недела тука во Министерството ќе ги разгледуваме сите наоди од сите институции и ќе заземеме став, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Родилката Јилдиз Веаповска, која поминала низ вистинска голгота и која јавно проговори за овој случај, преку адвокат поднесе приватна кривична пријава против шест медицински лица од струшката болница на чело со директорот и гинеколог Мухамед Асани и ја продолжува својата правна битка.
Таа вчера најави дека ќе оди на Институтот за патологија, каде што дознала дека се наоѓаат органите за да ги земе и даде на вештачење.
Во мешувреме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши инспекција во домот на Асани каде откри дива ординација за што извештајот е поднесен во Обвинителството.