Слушнаа ли евроамбасадорот Гир и министерот Османи што зборуваше Фукујама?

Исти, слични, или наративи кои не може да се споредуваат оти се однесуваат на крајно различни ситуации? Ваква дилема деновиве се наметна откако се слушнаа во јавноста тврдења на Русија за Украина и на Бугарија за Македонија. Дилемата поконкретно се јави по настапот на рускиот претседател Владимир Путин кажа дека „Русите и Украинците се еден народ и дека модерна Украина е создадена од Владимир Илич Ленин, дека Укранина е нераскинлив дел од руската историја…“

Сето тоа наликува на аргументацијата со која официјални лица во Софија укажуваат дека Македонија треба да „признае историската вистина за заедничка историја“ како и тоа дека „Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека не постоеле до 2 Август 1944 година, дека нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет…“.

Сличности во рускиот и во бугарскиот наратив тогаш пронајдоа многумина во Македонија. Но беа и искарани од „прогресивци“ дека не е така. Сепак деновиве познатиот западен филозоф, и еден вид на идеолог на западната либерална демократија, Френсис Фукујама во интервју за Радио Словодна Европа рече дека „бугарскиот и рускиот наратив се слични“.

-Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично, рече Фукујама.

За потсетување, пред некој ден евроамбасадорот во наша земја Дејвид Гир ни порача дека „не треба да се прават паралели меѓу односите на Русија и Украина со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија“ бидејќи тоа се различни ситуации.

-Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите Нации и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија, рече Гир.

Тогаш се огласи и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, според кого, правењето на аналогии не оди во наш интерес.

-Прашањето на аналогија со руската агресија во Украина колку да звучи атрактивно мислам дека не е коректно и не е добро да се направи затоа што ова што се случува во Украина е невиден преседан после Втората светска војна во која една држава се обидува да окупира соседна држава, да ги наруши основните правила на меѓународниот правен поредок. Мислам дека не оди во наш интерес обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија, рече Османи.

Дали тие го слушнаа Фукојама, не е познато. Останува да се види како сега ќе реагираат и Гир и Османи откако Фукујама, укажа дека и во двете ситуации: во укаинската и во македонската, се има обид на поголема земја да го негира правото на помалата да го одреди својот национален идентитет. 

Претходна вестПовторно заживува туризмот во земјава – во јануари пола биле домашни пола странски
Следна вестНе сите од вакцинираните и прележаните имаат имунитет од ковид