Смртноста од вирусот е голема, ќе менува ли Филипче нешто во новиот мандат?

Корона кризата си трае, си носи нови жртви…, а полека пристигнува есента кога се најавува нејзино засилување. Заладувањето на временските прилики ќе предизвика групирање на граѓаните по домовите, следува период на семејни слави, почеток на учебната година, но и појавата на сезонскиот грип кој секоја година е мошне опасен.

-На есен ќе има повеќе ризик-фактори. Тој бран најверојатно ќе донесе зголемен број на заболени лица, многу поголем од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку секаде, предупреди и министерот за здравство Венко Филипче.

Но, дали освен предупредување, повторно избраниот министер прави нова стратегија во борбата со опасниот вирус? Пандемијата до сега предизвика големи жртви во Македонија – 631 починат граѓанин од преку 15.000 заразени лица. Ова го отвора прашањето каде треба да се подобриот начинот на справување со опасниот вирус бидејќи по смртност на пациентите сме на врвот во регионот.

Можеби нови лица во комисијата? 

Да, за есенскиот бран веќе се најавени некои мерки: изградба на 16 ковид –центри по општините, дополнителни рестрикции во регионите во кои ќе има зголемен број на новозаболени како полициски час, забрана за собири, затворање на угостителски објекти, училишта… како и поголемо вакцинирање против грипот, побрзо тестирање, повеќе медицински лица… .

Но, дали тие и ќе бидат доволни? Граѓаните, сепак, стравуваат.

-Мерки како мерки. Ако се применуваат вирусот нема толку да се шири. Но, да не треба да се менува нешто и во начинот на лекување на најризичните лица, дали е добра координацијата на матичните лекари со оние од клиниките, дали не треба да се смени некој член во здравствената комисија, а да се донесе друг, прашува скопјанката Оливера.  

Душица Јакимовска пак, има и конкретни предлози.

-Она што прво треба да се направи е воведување на елиса тест или ПЦР тест за ковид, а резултати да се добиваат за два часа максимум и кој ќе се прави  во тријажни центри во секој град. Што значи тоа? Секој пациент кој има висока температура или најмалку три потврдени сиптоми на ковид, или по негово лично убедување, се праќа на овој брз дијагностички тест. Така ќе се направи разлика помеѓу сезонски грип и корона навремено Медицинските тимови по мое мислење би требало да се веќе формирани и обучени. Но, тука верувам се јавува проблемот со недостаток на инфектолози и епидемиолози. Во однос на тестирањето на контактите и нивно изолирање, сметам дека треба да се тестираат сите исто како порано, а не да се чека да се појават сиптоми, потенцира таа.

Не се доволни само прес конференции

– Кукаа дека во Владата им пречи со неработење министерот Чулев, еве сега да видиме кога се се нивни луѓе што ќе направат. Ме загрижува тоа што многу луѓе починуваат од вирусот, а не е така во регионот. Мора да менуваат нешто во приодот и Филипче да не ни држи прес конференции туку да работи, ни вели Трајан Глигоров.

Дали Филипче веќе се подготвувал за новото преземање на функцијата со нови постапки и планови или и тој стоел во место како во Министерството за образование кое веќе го прежали септември поради неподготвеност, ќе видиме наскоро. 

Во регионот подобро се снајдоа

Со 631 починат преко 15.000 заразени лица од корона вирусот, Македонија, е меѓу земјите со најголем број на смртни случаеви во регионот. Заклучно со денеска повеќе умрени имале Србија – 727, Бугарија – 692 и Босна и Херцеговина – 669, но тие имаат и многу повеќе жители од нашата земја.

Во Црна Гора имаше 112 умрени лица, во Грција 290, Албанија 321, Хрватска 209, Словенија – 135…, а и тие се со поголемо население од Македонија, освен Ц. Гора.

Претходна вестСовет на светиниколчанец за шетање по Скопје: Гледај доле за глава да не те боле
Следна вестКравата од Бит-пазар побрза од институциите, но за сега возот уште не го фатила…