Добрила Кацарска, судијка за организиран криминал од Основниот кривичен суд Скопје, попладнево е избрана за уставен судија од страна на пратениците во македонскиот парламент. За Кацарска гласале 61 пратеник.
Кацарска е предлог на Судскиот совет и доаѓа на местото на судијата Владимир Стојановски кому му истече мандатот во април. Таа е позната како судија која ги судеше предметите на СЈО какви што се „Тенк” , „Триста”, „Транспортер”, „Поткуп”, како и предметот врзан за настаните во Собранието на 27 април 2017 година кога на обвинетите им изрече високи затворски казни.
За потсетување, со свирежи и транспаренти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно прекинаа една седница каде се расправаше за овој избор, односно направија герилска акција и застанаа пред говорницата држејќи транспарент на кој пишуваше „Кацарска значи неправда“.