Велосипедска патека во Белгија среде шума, во Скопје ни среде град не можеме

Во Белгија е направена велосипедска патека во форма на 360 степени, низ шумска средина, а дел од неа е над земја. Ова го извеле „Посетете го Лимбург“, а еве и што е пораката на нивната веб-страна:
-Возењето со велосипед низ шумска средина е посебно искуство за сетилата. Оваа велосипедска патека безбедно ве носи во повисоки области. Буквално, затоа што возите околу двоен круг на висина од 10 метри помеѓу дрвјата. Можете да го видите, почувствувате и мирисате раскошот на природата – пишува „Посетете го Лимбург“.

Читајќи до тука ве обзема чувство на воодушевување, но и чувство на далечно остварување- второво, особено, заради тоа што ниту еден скопски градоначалник до сега не помислил да инвестира во неколкуте зелени зони во главниот град и околината и да направи нешто барем слично. Но, ајде со ред, фактички да погледнеме:
-Водно е една од шумските зони, која веќе се уништува со чудесни раскопи, мини депонии, тажно чекајќи го Законот што треба да ја заштити. А, беше многу одамна најавен.
-Парк шумата Гази Баба во неколку наврати ја фотографираат граѓани од своите тераси во Автокоманда, каде се гледа како некој си прави приватен паркинг за камиони истурајќи песок и камења во среде шума. И никому ништо.

-Велосипедски патеки се направија само покрај одредени булевари и главни улици, додека споредните улички ако не се полни со дупки и крпеници, тогаш нивните тротоари се паркинг места иако недозволено, па велосипед може да се вози евентуално летечки…

И има уште што да се каже. Фактите зборуваат сами по себе: што е ветено, а што исполнето.

Во меѓувреме, Град Скопје одлучи да не постапи како претходно градоначалниците на Ѓорче Петров и на Куманово, кои се откажаа од новогодишно украсување на нивните населби, одлучувајќи парите да ги пренаменат за оние на кои им е најпотребно. Сепак 200 илјади евра од скопската буџетска каса ќе одат за китење.

Претходна вестВо Македонија 1.160 нови случаи на коронавирус, 30 лица починаа
Следна вестСтудено утро со пладневно сонце и температура до 10 степени