Со цвеќе се слави Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, кој е празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител. Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.

Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со Сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак, исто така, се остаток од старите словенски верувања.

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета ѝ била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле, а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по Божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот“.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината. Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено, вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

За денешниот ден се поврзани и многу обичаи и верувања, особено за девојките кои се немажени и кои сакаат да станат мајки. Се верува дека немажените девојки денеска во саксија треба да засадат малку жито, а на Петровден треба да видат дали никнало засаденото. Ако има прстени, тогаш сигурно ќе се омажат есента. Се верува дека водата добива посебна моќ, па сите се бањаат во реките, езерата или морињата. Се собираат лековити билки и се прави венец од нив, а тие штитат од разни болести. Се верува дека оние кои сакаат да имаат дете на денешниот голем празник треба да поминат под венец од Јованова трева, а потоа да се избањаат во река, за да нема уроци

Претходна вестТешка сообраќајка кај Собрание – удрен моторциклист
Следна вестКазни за 124 возачи во Скопје, единаесетмина возеле без дозвола, деветмина имале неисправни возила…