„Со оваа декларација се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македонија согласно уставните определби за независност и територијалниот интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување…“
Вака гласел првиот член од документот кој на денешен ден пред 33 години, на 25 јануари 1991 година го донеле пратениците во првиот повеќепартиски македонски парламент. Со тоа практично, тргнал процесот на осамостојување на Македонија како посебна држава, надвор од тогашната југословенска федерација.
Ваквиот историски чин се случува во периодот кога се распаѓаше тогашната СФР Југославија и имаше многу премрежја. Македонија тогаш тргна во процес на создавање на самостојна и независна држава.
Оваа Декларацијата за сувереност и малку подоцнежната Одлука за одржување референдум – практично беа постулатите со кои Македонија почнува се да се движи во правец на осамостојување. Идејата за донесување на Декларацијата за сувереност и независност на Македонија, како предлог била изнесена на 9 јануари од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, два дена по конституирањето на првото повеќепартиско Собрание.
Предлогот за донесување на Декларација е ставен на маса во ситуација кога се уште не била формирана Влада (по одржаните избори), ниту пак бил избран претседателот на Републиката. Се уште актуелна била Владата и Претседателството на Републиката кои ја претставувале СР Македонија, а единствен функционер во новата власт бил претседател на македонското Собрание.
На собраниската седница бил донесен заклучокот да се задолжи Комисијата за уставни прашања, чиј состав само што бил утврден, да подготви два документа – Декларација за сувереност и Платформа за разговорите за иднината на Југославија и за што биле формирани две работни групи.
По ова, на седницата одржана на 25 јануари 1991 година, Собранието ги разгледа предлозите на двата документа, а по воведното излагање на Претседателот на Собранието по обемна и на моменти бурна расправа, Собранието со акламација ја усвои Декларацијата. Таа со тоа станала прв документ во кој, меѓудругото, за прв пат беше истакната сувереноста на Македонија и можноста за конституирање на независна и самостојна македонска држава. Со Декларацијата е предвидено и дека политичкиот, стопанскиот и правниот систем ќе се темелат на Уставот на СРМ и републичките закони, а сојузните закони и Уставот на СФРЈ ќе се применуваат само доколку не се во спротивност со нив. Истовремено е предвидено Собранието да донесе нов Устав со кој треба да се определи општественото уредување и идните симболи на државноста на Македонија. Исто така, во Декларацијата се истакнува дека Македонија самостојно ќе одлучува за идните односи со државите и другите народи на Југославија.
Се потоа е историја. Била донесена одлука да се одржи народен референдум на 8 септември…