Настава во една смена од 1 септември можат да почнат 124 основни и средни училишта , соопшти Министерството за образование и наука. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.
-Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена, изјави Јаневска.
Министерката рече дека со едносменската настава ќе се промени и начинот на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.
Таа додаде дека ќе се ревидираат и учебниците, посебно по историја, географија и македонски јазик, за да се обезбедат поквалитетни материјали за учениците.