„Искрено верувам дека до крајот на годината ќе почнеме со градбата…“, беше изјавата со која на 6 февруари 2019 година тогашниот министер за здравство Венко Филипче најави капитален проект – нов клинички центар во Скопје. И, еве 5 години подоцна нема ништо на лединката што ја определија за градба. Слично на ова, во 2016 година за само две години се ветуваше и брзата изградба на клиничката болница во Штип. Но, и таму сега, по цели осум години, само стојат недоизградени објекти.
Тажна реалност за македонското здравство и за властите кои со години ветуваа, ама… Во меѓувреме граѓаните продолжуваат да се лекуваат во постоечкиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Петнаесетината згради во коишто се сместени одделните клиники се веќе дотраени, нефункционални. Од време на време, ќе се слушне за реновирање на некои одамна запустени оддели, ќе се набави некој кревет, донирана постелнина, некоја нова опрема, ама за покрупно реновирање нема ништо. Едноставно, „Државната болница“ е бајаги болна.
Долготраен избор на локација
А кога пред пет и пред осум години се најавуваше градбата на новиот скопски клинички центар и на штипската болница, се беше во стилот „ќе биде, ќе се прави брзо…“. Новата власт на чело со СДСМ во 2017 година брзо го раскина договорот на претходната, за изградба на нов клинички центар вреден 72 милиони евра во кругот на Државната болница. И тргна да се бара локација за нов Центар: Бардовци, Злокуќани, Петровец, Илинден… се спомнуваа како опции за да по месеци и месеци изборот падне на месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров. „Изградбата ќе чини меѓу 430 и 480 милиони евра, бараме начин за кредитирање“, велеше министерот Филипче. Потоа корона-кризата ги одложи сите планови за да тие пак се разбудат во 2021 година кога власта во парламентот поднесе предлог за закон за изградба на Центарот со кусо образложение, со предлог да чини околу 500 милиони евра. Опозицијата искажа сомнеж и додаде 2.000 амандмани. По ова, најголемата опозициска партија излезе со ново решение: Да се реновира Клинички центар „Мајка Тереза“, да се изгради нова зграда пред приватната болница „Жан Митрев“ поврзана со болницата „Букурешт“ и „8-ми Септември“ односно стара воена болница, и тоа да стане Ургентен клинички центар. Но, власта ги одби.
И така, идејата за целиот проект запре исто како што запреа започнатите работи на штипската болница со површина од 34.000 м2 наменета за 200.000 граѓани од истокот на Македонија. Главниот изведувач во 2016 година добил неколку милиони евра и требало да заврши со градбата до 2018 година. Но, градбата застана откако ова фирма не плаќала на подизведувач за извршените работи, што потоа се реши, но градбата не продолжи. Рокот за завршување се помести за 2023, но и тој помина, а на теренот ништо не се гради туку се водат судски спорови.
-Старите згради на штипската болница се распаѓаат, а новата недоградена е оставена да се распадне. Голема неспособност покажа власта и не остава со многу слабо здравство, реагира Ацо Митев.
Доскорешниот министер за здравство Фатмир Меџити пред неколку месеци го раскина договорот со грчката фирма за штипската болница и најави распишување на тендер за нов изведувач. Но, трендерот сега најверојатно ќе го чека крајот на изборите.
-КЦ во Штип треба да се заврши доколку дојдат чесни луѓе да ја водат државата. Секако тоа тешко ќе оди бидејќи обвинителството и судството не си ја вршат работата, ако ја вршеа немаше да имаме толку криминал, ни вели Часлав Бојковски.
Граѓани негодуваат и за неправењето на нов клинички центар во Скопје и предолгото барање на локација за градба.
-Клиничкиот центар би требало да остане на истата локација, затоа што е добро позиционирана. Треба само да се обмисли убаво и да се поврзе со ходници и секако да се реновираат Клиниките. Недостатокот е само што улица „Водњанска“ е тесна, смета Светлана Деспотовска.
Вера Дренковска, пак, смета дека треба да се бара нова локација.
– Локацијата во Ѓорче Петров е добра за да се гради клинички. Добро ќе беше да се гради и до ГОБ „8 Септември“, а таму сега да ќе градат згради. Согласност мора да постигнат ако сакаат да се лечат граѓаните на Македонија. До сега не ја водат добро постапката затоа и не можат да се согласат за Клинички, смета таа.
Опозицијата најавува решенија
Што натаму ќе се случува со новиот клинички центар и со штипската болница сигурно ќе се знае откако во земјава ќе се добие ново парламентарно мнозинство. Околу ова минатиов месец прозборе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажувајќи дека планираат да ја завршат штипската болница, а од состојбата на државниот буџет ќе зависи дали КЦ ќе се гради на ново место или во кругот на постоечкиот.
Граѓаните ги повикуваат и власта и опозицијата да се договорат околу проектот.
-Тоа важно прашање треба да се решава со меѓупартиски консензус. Еднаш барем да видиме дека размислуваат за граѓаните. Треба консензус и за болницата во Штип. Но, не верувам дека ќе постигнат договор. Се борат за провизија, смета Светлана Деспотовска.
Други пак, сметаат дека таква важна одлука треба да се стави на референдум.
-Има повеќе фактори за одлуката дали треба да се гради нов КЦ во Скопје или не. Мислењата (интересите) на политичарите и граѓаните секогаш се спротиставени. Мислам дека треба сите стручни лица (медицински, финансиски, градежни ) јавно да си ги кажат аргументите, а потоа на референдум се изјаснат граѓаните, порачува Часлав Бојковски.
Што и да се прави, мора да се прави брзо. Македонското здравство е пред колапс.
Нема лекари, кој ќе работи?
Во меѓувреме Македонија има и друга мака – медицински персонал си заминува од земјата.
-Зошто треба нов Клинички кога снемува лекари. Убаво е да биде на нова локација, ќе се растеретат другиве клиники. Само ќе нема кој да ги лечи граѓаните, нагласува Олга Бандилоска.
Многу проблеми во стариот објект
Пред 4 години скопските власти извршија делумно партерно уредување на КЦ „Мајка Тереза“. Направија неколку улички и нов паркинг, но… сообраќајни гужви, недостиг на паркинг-места, се и понатаму присутни. Сите министри за здравство ветуваат дека ќе се изградат катни гаражи, ама… На ова треба да се додадат и стари и нереновирани згради, непостоење на „топли ходници“ меѓу клиниките за транспорт на пациенти па се до глутници кучиња-скитници кои претставуваат секојдневна опасност за граѓаните…