Со претстојната исплата на јулските пензии ќе почне и враќањето на разликата од 5.000 денари од посмртната помош која привремено им беше ускратена на семејствата на починатите корисници на пензија, соопшти Одбор на Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Големиот број на починати пензионери во времето на пандемијата со корона вирусот, кок се искачи и до 2.500 лица, беше причина на семејствата да не може да им се исплаќа предвидениот надомест од 30.000 денари. Наместо тоа, тие добиваа по 25.000 денари бидејќи се јави недостиг на средства за исплата на посмртна помош, а се зголеми и времето на чекање за исплата.
-Бидејќи после март 2022 година се смири пандемијата, како и бројот на починати корисници на пензија, од само 914 во април и околу 800 во мај 2022 година, Одборот донесе Одлука со која посмртната помош се определи на 30.000 денари, како и постепено започнување на исплата на разликата од 5.000 денари на примателите на посмртна помош на кои им беа исплатени 25.000 денари, според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства, со важност од исплатата на јулската пензија, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека доколку состојбата на починати корисници на пензија се стабилизира и изнесува околу 1.350 месечно, со уплатените средства во солидарниот фонд од 309.000 пензионери по 150 денари ќе се обезбедат средства од околу 46 милиони.
-Со овие средства би можеле да се исплатат 1.350 барања на посмртна помош во износ од 30.000 денари по корисник или 40,5 милиони денари, и да се изврши доплата на 1 000 приматели месечно по 5.000 или 5 милиони денар, наведува Одборот.