Со кавги и меѓупартиски конфронтации и обвинувања денеска Советот на скопската Општина Карпош го изгласа буџетот за оваа година. Општинската каса е излгасана со 15 гласа „за“ откако ме се прифатија барањата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ за прекинување на седницата и пристапување кон носење одлука за времено финансирање на општината.
Овој предлог беше одбиен од Добрила Андоновска, која како најстар член претседаваше со Советот, бидејќи претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, преку писмо информираше дека не може да присуствува на седница поради здравствени причини.
Претходно, Роберт Велјановски, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тие биле спречени да поднесат барање за седница на која би имала единствена точка на дневен ред – Носење одлука за времено финансирање на општината.
-Во 9,30 часот немаше никој во Архивата. Затоа барам оваа седница да биде прекината и веднаш да пристапиме кон носење одлука за времено финансирање на општината, побара на седницата Велјановски.
Но, ова не беше прифатено. Инаку, ВМРО-ДПМНЕ претходно поднесе 3.870 амандмани, а за кои се бараше да бидат разгледани на седницата. Но, и тоа не се случи. По ова се пристапи кон изјаснувањето на советниците и буџетот беше изгласан.
Градоначалникот Стевче Јакимовски по седницата изјави дека ова беше настан без преседан во историјата на локалната самоуправа.
-За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левица и ГРОМ и двајцата независни советници Невена Георгиевска и Александар Илиески, кои што ја видоа сериозноста која што се создава со не носење на Буџетот. Но, со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со нивниот деструктивен однос. Тоа беше една демонстрација на еден циркуз во кој имаше викање, како и обид да не се продолжи седницата, најмалку јавено 20 пати процедурално, па навредувања. Замислете, оној што дава 4.000 амандмани, во кој што најмалку еден бил по еден денар, тие не биле насилни, ние сме биле насилници, кои со мнозинство го носиме буџетот. За жал, сценаристот и режисерот Христијан Мицкоски кој е граѓанин на Општина Карпош, и кој се обиде да ја блокира Општината во која што живее, улогата што му ја доделил на актерот Роберт Вељановски, како главна улога, на крај не успеа да ја додржи ниту споредната улога, туку беше исфрлен на овој кастинг кој што го спроведува останатиот дел од Советот на Општина Карпош. Сега, бидејќи не глуми онаму каде што треба да глуми, се обидува да глуми во Советот на Општина Карпош, истакна Јакимовски.
Роберт Велјановски, пак, изјави дека се случило „насилство и талатизација на Советот на Општина Карпош“.
-Насила, надвор од секоја демократска процедура, со кршење на сите законски акти и подакти, со кршење на Деловникот, Статутот на Општина Карпош и Законот за локалната самоуправа, со 15 гласа ЗА беше усвоен буџетот на Општина Карпош за 2024 година. На наше големо жалење градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, со помош на советниците од Гром, СДС и епските јунаци од политичкиот исцедок на СДС, Левицата, спроведе целосна и комплетна талатизација на Советот на Општина Карпош. Пулените на шарениот револуционер Димитар Апасиев режираа класична трагикомедија во Советот на Општина Карпош со непојавување на претседателот на Советот на четвртото продолжение на 37. седница на Советот, рече Велјановски.
Тој додаде дека „на спроведеното насилство ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со легални мерки и инструменти за да ги спречат криминалните дилови за бетонизација на Карпош“.
Фото: Архива О. Карпош