Голем празник е денеска во Македонија. На овој ден пред 82 години македонскиот народ се кренал храбро и решително против фашизмот и окупацијата во Втората светска војна.
Шеснаесет младинци, партизани од прилепскиот партизански одред кој го носел името на големиот македонски деец – Гоце Делчев на располагање имале околу дваесет пушки, неколку бомби и 300 до 400 куршуми, но и нешто многу повеќе од тоа – храброст, која стана синоним за почетокот на македонската сенародна борба за слобода и независност.
Така било на 11 октомври 1941 година кога со истрелите на младите партизани бил означен почетокот на ослободувањето на македонскиот народ во Втората светска војна. Познато е, по фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу бугарскиот и италијанскиот окупатор.
Младинците биле распоредени во три групи. Првата го нападнала бугарскиот полициски участок во Прилеп, втората – затворот, а третата ги прекинала телефонските врски и електричната инсталација.
Историјата ги запамети и имињата на младите партизани кои се одважиле да ги нападнат непријателите. Во првата група учествувале: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски. Во втората: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески, а во третата: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.
Во акцијата на првата група бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп. Потоа настанала вооружена престрелка, помеѓу партизаните немало загинати.
Втората група нападот го започнала точно во 22 часот кога се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица по фрлената бомба јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици.
Третата група, пак, со спојување на телеграфските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај за да не може воениот гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот. По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци на зборното место наречено Средоточна вода во текот на ноќта додека во градот сѐ уште се слушаат истрели од огнено оружје.
Пукањето во Прилеп не останало осамено бидејќи веќе утредента во кумановско, на 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред и кои имаат први судири со фашистичките окупаторски војски.
Истрелите во Припеп и во Куманово, истовремено, станале и најзначајниот датум во македонската историја со оглед на она што следело подоцна. Тие тогаш значеле почеток на сенародниот отпор и продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание.
Со тоа започнал организиран отпор против фашистичките окупатори, започнала четиригодишната Националноослободителна војна која триумфално ќе заврши со втемелување на првата макеоднска држава со историските одлуки донесена на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Тогаш се оствари и она што постојано се зборуваше меѓу народот кој решил да се бори: „Земјата што дала еден Илинден, таја ке дај и друг“, па на востанието и на Антифашистичката војна предводена од нив им давале сосема јасна, не само класно-пролетерска содржина, туку и македонска национална содржина.