Со секој дожд шумата „се симнува“ на патот Нерези – Св. Пантелејмон, ќе чекаме Водно да „се налути“ или ќе се преземе нешто?!

Со лопати в рака, цел ден вчера екипи на општина Карпош го расчистуваа патот што води од Нерези до манастирот Свети Пантелејмон, од наноси земја и песок предизвикани од невремето и дождот. Водата „ги симна“ гранките, цели дрвја и земја на патот – буквално го направија непрооден.

Скопјани од тој дел на градот се жалат дека ова се случува постојано при малку пообемни дождови.

-Како е возможно никому да не му текне дека е подобро тој простор да се обезбеди со мрежи или некако поинаку, за да не се „симнува“ шумата на патот туку да си биде безбедно и кога врне, вели Ранко Т. од Нерези.

-Сакаме во Европа, а дали во Европа сте виделе вакво нешто?! Еве Германија, сум ја прошетал угоре и удолу, секаде каде што има вакви свлечишта има цврсти мрежи на нив, но и неколку метри во форма на тротоар што го одделува патот од свлечиштето… Решенија има ама кој да сака да ги испланира и спроведе, коментира Соња Н. од истиот дел на Скопје.

Дел од Скопјани пак се лути и гневни што Водно се уништува на секаков можен начин и се плашат дека непланското градење може да го затрупа градот.

– Што ако се случи земјотрес или водите од Водно „се налутат“ – дали планината ќе го затрупа половина град? – прашуваат.

Претходна вестПроменливо облачно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Следна вестСо коронавирус се заразиле 11.554 македонски граѓани, починаа 519 лица