Со дефиле на 85 бродови на реката Сена вечерва се отвораат 33. летни Олимписки игри во Париз

Со уникатно шоу на реката Сена вечерва во 19:30 часот свечено ќе бидат отворени 33. летни Олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

На Игрите ќе настапат 10.500 спортисти од 206 држави, кои ќе се натпреваруваат во 32 спортови, а прв пат во историјата ќе бидат поделени олимписки одличја во брејкденс.

Од 6.000 до 7.000 спортисти (од вкупно 10.500), кои ги претставуваат земјите-учеснички, ќе продефилираат во 85 чамци на Сена во боите на нивната делегација, од мостот Остерлиц до Ајфеловата кула и Трокадеро.

Околу 3.000 танчери, музичари и актери ќе учествуваат во уметничкиот дел од свеченоста покрај брегот на Сена, како и на мостовите, но и на небото, на патека од шест километри, по која се очекуваат 326.000 гледачи.

Уметничкиот директор на свеченото отворање, Томас Џоли, изјави дека сака да го направи „најголемиот спектакл на светот“ со многу радост, движење и возбуда.

Македонската олимписка експедиција ја сочинуваат шестмина спортисти – Дарио Ивановски (атлетика), Владимир Егоров (борење/ до 57 кг, слободен стил), Никола Ѓуретановиќ (пливање/ 400 метри слободно), Анастасија Мојсовска (стрелаштво/10 метри воздушна пушка), Еди Шерифовски (џудо) и Мила Рељиќ (таеквондо).

Знаменосци на свеченото отворање ќе бидат Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.

Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).

Игрите официјално ќе ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, а на свечената церемонија најавено е присуство на околу 120 шефови на држави и влади и други функционери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц и првата дама на САД Џил Бајден.

Засега не се знае кој ќе го запали олимпискиот оган, но според медиумите оваа чест ќе и биде доделена на француската спортистка и трикратна олимписка шампионка Мари Жозе Перек или на фудбалската ѕвезда Зинедин Зидан.

Олимписката програма официјално почна во средата, а Игрите во Париз ќе траат до 11 август.

Париз е домаќин по трет пат во историјата, по 1900 и 1924 година и му се придружува на Лондон, кој ги организираше Игрите во 1908, 1948 и 2012 година.

Претходна вест„Левица“: Весна Јаневска ќе штанца закони побрзо од Мила Царовска
Следна вестУНИЦЕФ бара образовните установи во Македонија да се подготват за топлотните шокови