Празникот Водокрст или зимскиот Крстовден, кој му претходни на утрешниот голем празник, Богојавление-Водици одбележуваат денеска православните христијани во Македонија. Овој празник уште се нарекува и Водокрштение и Водопост.
Водокрст е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството. Црквата овој ден го одредила како голем празник со строг пост. За оние кои постат, се смета дека сочувствуваат со страдањата на Спасителот Исус Христос. Денеска, според обичаите се јаде само леб и се пие вода. А денеска се случува и големото осветување на водата. По осветувањето, водата им се дели на верниците, и се верува дека треба да се чува дома поради здравје и бериќет.
Со сето ова истовремено во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се верува дека со крштевањето на водата таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ.
Денот пред Богојавление, верниците одат во црква, палат свеќа, се крстат и ја читаат „Оче наш“. Осветената вода се пие само со почит и молитва а се дава и на деца со вера дека ќе ги излечи и заштити. На овој ден, со молитва во срцето, мајките ќе направат знак на крст со масло на челото на детенцето, а крстената вода ќе ја чуваат во домот и ќе ги мијат децата преку целата година – ако е потребно.
Од Божиќ до Богојавление, наместо со „Добар ден“, соседите се поздравуваат со „Христос се роди“, а на Богојавление или Водици со „Бог се јави“.
За луѓето што се родени на овој ден се верува дека на нивните слаби рамења ја носат сенката на Светиот Крст и затоа се посебно одговорни за своите постапки пред Бога.
Водопост е ден кога верниците треба да се подготват за утрешниот празник Богојавление – денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан кога Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг. Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката, во еден миг се појавило Светото Тројство: гласот на Отецот му се јавил на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид – во вид на гулаб на небото, а Синот бил достапен за сетилото за допир.
Како што е запишано во Евангелијата, за тоа посведочил и Свети Јован Крстител кој рекол: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот”. Откако ги кажал тие зборови, го потопил и го крстил Божјиот Син во Јордан.