Вечерва со почеток во 18.30 часот во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Матка кај Скопје ќе започне чествувањето на големиот христијански празник посветен на Мајката Божја. По одржувањето на вечерната богослужба, пред полноќ се започне и сеноќното бдение. Вакви служби и бденија ќе бидат одржани и во другите храмови на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
–Вечерната служба почнува во 18:30 часот. Имаме бдение на 27 август од 23:30 часот. На 28 август имаме литургија од 8:30 часот со која ќе чиноначалствува Поглаварот архиепископот г.г. Стефан, а ќе има подготвена и храна за сите гости што ќе дојдат, изјавија во манастирот.
Како и секоја, така и оваа година патронен празник на манастирот, меѓу народот познат како „ Голема Богородица“, ќе се одбележува и со организирање на народен собир проследен со манастирска трпеза (гравче).
Овој собир има и хуманитарен карактер, бидејќи исто така традиционално во дворот на манастирот секоја година се одржува и крводарителска акција.
Успение на Пресвета Богородица, односно, денот кога таа починала е еден од најзначајните настани во историјата на христијанството. Поради големиот култ што го има Мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето.