Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува дека најавеното покачување на дневните температури, кои во одредени региони ќе надминат 40 степени, ги зголемуваат ризиците од труење со храна и претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните.
За да се спречи евентуално труење со храна, треба да се направи правилен избор при набавката, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за нејзино чување. Тоа значи да се купува храна од проверени места, каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства.
Во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од пет степени и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат.
Ако се јаде во угостителски објекти, треба да се внимава тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се избегнува користење додатоци кои не стојат во ладилник како: мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи.
Но, главниот совет кој доаѓа од надлежните е: Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја!