Голем број од домовите на православните христијански семејства во Македонија вечерва ќе бидат полни и празнично расположени. На едно место, околу трпезата, ќе се соберат членовите на семејствата од сите генерации, поблиски и подалечни роднини, комшии, пријатели… Причина е вечерашното славење на заслуг во чест на утрешното славење на големиот христијански светител Свети Никола. По тој повод, празнувањето на овој голем светител започнува со посна вечера на која се собираат сите за да заеднички му одадат почит и чест. И да се помолат за подобро утре.
Празнувањето на Свети Никола е најчеста домашна слава во Македонија. Вообичаено се вели дека денеска и утре „половина од домаќинства во Македонија ја слават оваа слава, а втората половина оди кај нив на прославата“. Вечерва и утре домовите на верниците се посебно уредени, со отворени врати за сите гости. Во повеќе села и градови, како на пример Свети Николе, поголемиот број од семејствата го чествуваат овој светител.
А прославата започнува вечерва со вечера на заслуг, на која, со оглед дека е време на божикните пости, трпезата е секако, посна. На масата се принесува најчесто грав, риба, посна сарма и салата од варени компири и кромид… Гостите кои доаѓаат, по традиција носат и скромни подароци за домаќините, тие, пак, според некои обичаи, своите гости не ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.
Инаку, обичаите на овој ден налагаат да не се работат покрупни домашни работи. Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.
Свети Никола или Свети Николај Чудотворец е познат како архиепископ Мираклиски, како светител кој се смета за заштитник на морињата, но и како светител на кој му се обраќаат луѓе во невоља. Роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.
Во времето на царот Диоклецијан и Максимијан, кога христијанското население било прогонувано, мачено и затворано, истото му се случило и нему. Со доаѓањето на власт на Константин I Велики, престанало и прогонувањето на христијаните кои во исто време добиле и рамноправно место во Римското Царство. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде се залагал за воведувањето на светото тројство. Поради голема ревност го удрил александрискиот свештеник Ариј. По ова, тој бил оптужен за ерес, бил прогонет од самиот собор и му било забрането понатамошно присуство на собирите. Според христијанската традиција на Свети Никола му било одобрено повторно присуство на црковните собири, поради јавувањето на Бог на избраните архиери велејќи им дека сториле голема неправда.
Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош од страна на болните, несреќните и немоќните. Христијаните веруваат дека тој помагал на сите повици и дека од неговото лице сјаело светлост. Во својата старост се разболел и починал на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.