Под слоганот „Јас сум Тони Менкиноски“ во 18 часот денеска започна голем собир пред парламентот на граѓани кои му даваат поддршка на познатиот скопски адвокат Тони Менкиноски кој ќе биде суден затоа што го развеал знамето со сонцето од Кутлеш во Охрид. Насобраните граѓани од кои повеќето го вееја токму шеснаесеткракото сонце јасно укажуваа дека се против ваквиот однос на власта.
-Мој син има давано заклетва дека ќе ја брани Македонија под тоа знаме, а сега државата ќе казнува ако го вееш. Ова е ненормално време, со власт која е контра народот. Затоа протестирам, ни вели еден граѓанин.
-Протестирам не само заради знамето и таа неправда да ни се ускратува историско наследство. Протестирам и како опомена за се што СДСМ и ДУИ се подготвени да направат со македонскиот Устав, објаснува друг учесник на собирот.
Меѓу граѓаните беше и самиот адвокат кој потенцираше:
–Утре е судењето, очекувам да ме ослободат. Не постои закон кој може да спречи да го вееме македонското знаме.Затоа и против мене е поднесено обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, едноставно и тие самите не знаеле што да наведат во обвинението, истакна Менкиноски.
За потсетување: Тони Менкиноски доби пријава (ќе му се суди) затоа што го развеа знамето со сонцето од Кутлеш во Охрид во знак на поддршка на уставобранителите на 27 април годинава. Денешниот протест-собир е организиран од организацијата „Сончева Македонија“.
Адвокатот е познат и по тоа што долготрајно и успешно ги застапува Македонците во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.