Собранието го изгласа новиот Деловник, Џафери порача дека Крмов ќе си ја плати штетата што ја направи

Со 83 гласа „за“, два „против“ и ниту еден „воздржан“ пратениците синоќа го донесоа новиот Деловник на Собранието. Новиот Деловник за работа на законодавниот дом, претходно на седницата беше причина да ескалира состојбата во парламентот.

Двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, реагираа бурно зошто не им се прифатени за разгледување сите амандмани што ги поднеле, а бараа и предлогот за нов Деловник да се тргне од дневен ред. Левица подготви околу 2 500 амандмани за Деловникот, а двајцата нејзини пратеници најмногу реагираа бидејќи тврдат дека со новите правила ќе може да се „шверцуваат“ закони без опозицијата да може да ги блокира, односно да може да наметнува понекогаш преговори за да се подобрат.

Пратеникот Крмов барајќи да се прекине седницата прво го турна од маса ѕвончето и шишето со вода пред потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој во тој момент ја водеше седница и седеше на местото на Талат Џафери. Покрај тоа, Крмов го „откорна“ и мониторот пред Мисовски и го фрли на земја, а го скрши и телефонот. Фрлаше и маваше со листови хартија кон потпретседателот на парламентот, во што во еден момент му се придружи и Апасиев. По неколку паузи во еден момент Крмов застана покрај столчето на Мисовски и се обиде да ја опструира неговата работа. Апасиев, пак, зборувајќи од говорницата го соблече чевелот и со него удираше по листови хартија илустрирајќи ставање печат на амандманите што не биле прифатени.

Откако атмосферата се смири се пристапи кон гласањето при што 83 пратеници го поддржаа новиот Деловник. Договорот за нов Деловник помеѓу пратениците и од власта и опозицијата беше постигнат во рамки на дијалогот кој започна пред околу пет години со посредство на неколку европратеници. Новиот Деловник ќе почне да се применува од новиот парламентарен состав што ќе се формира по изборите што треба да се одржат 2024 година.

Собранискиот спикер Талат Џафери рече дека граѓаните нема да ги плаќаат искршените комјутери, туку штетата ќе си ја плати пратеникот од Левица, Борислав Крмов.

-Ние сме вработени во Собранието и ние сме одговорни за имотот и за инвентарот внатре. Вие смеете да кршите таму кај што работите? Не. Исто е и во Собранието. Ќе се формира комисија за утврдување на материјалната штета, сметката ќе оди кај тој што ја причинил. Не може граѓаните да ги плаќаат искршените компјутери. Пратеникот има имунитет само за кажаното на собраниската говорница. Чекор од говорницата и околу неа, нема имунитет за тоа што го прави и сакам во оваа прилика да потсетам, рече Џафери.

Претходна вестДенеска е Св. архангел Михаил – празник на војводата на сите ангели
Следна вестНикола Петров – Русински беше во првата чета на ТМОРО, прв агитатор во западна Македонија, ја ширеше идејата „Македонија за Македонците“…