СОНК ќе решава за владиниот предлог за зголемување на платите, штрајкот продолжува

Предлогот на Владата платите на вработените во образованието и градинките да се зголемат за 10 проценти ќе се анализира на денешната седница на Советот на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК). Се очекува орган да се изјасни по тој предлог. Во меѓувреме, штрајкот во училиштата и во градинките продолжува.

– Советот на СОНК во текот на утрешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, напиша денеска на Фејсбук претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Владината прес-служба вчера соопшти дека Владата на седница ги задолжила министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти. Владата, исто така, формира работна група која треба да почне преговори за нов колективен договор со репрезентативните синдикати и за методологија која ќе обезбеди континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во врска со штрајкот, Владата ги задолжи МОН и МТСП да ги преземат сите чекори за наставата во училиштата да продолжи исто како и згрижувањето на децата во градинките согласно уставните права на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање настава во услови на штрајк.

СОНК штрајкува веќе втора недела во школите и градинките барајќи зголемување на платата и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари.

Претходна вест151 санкционирани возачи во Скопје, 35 за брзо возење
Следна вестОд денес до недела времен сообраќаен режим во Скопје