Соопштение од МЗТ Скопје: Никој не е поголем од клубот, време е за крај на шпекулациите

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, се огласи со соопштение по повод многуте гласини и шпекулации околу состојбата во клубот.

„Металците“ не успеаја да се пласираат во главната фаза од АБА2 лигата, тимот пред само еден ден се збогуваше и со Марко Баковиќ, па затоа управата реши да се обрати со јавноста со соопштение во кое ги појаснува актуелните ситуации.

-Се чувствуваме должни да ги разјасниме сите мистерии, лаги и невистини што излегоа изминативе денови за нашиот клуб, раководство и играчи. Како и секоја друга екипа, така и нашата има искачувања и паѓања. За жал, за нас падот на формата нè доведе да избришеме една од поставените цели и поради тоа сметаме дека треба да направиме одредени промени во играчкиот кадар, на наше барање, а не како што тоа сака некој да го претстави поради нередовни примања. Ниту еден играч нема да биде над екипата и колективот.

Свесни сме дека сме најголем кошаркарски колектив и привлекуваме најголема читаност и внимание, но нема да дозволиме да се шират лаги и невистини околу нас. Со голема одговорност работиме за продолжување на низата освојување трофеи, како и на финансиската консолидација, каде значително е подобрена ситуацијата, а во јануари месец целосна стабилизација, подобрување на логистиката, маркетингот, школата и резултатите.

МЗТ Скопје не е маалска екипа која ги брои победите, туку е клуб во кој настапуваат девет репрезентативци кои достоинствено ја претставуваат македонската кошарка дома и надвор од нашите граници, на теренот и надвор од него. Поради нечесни игри на одредени структури се случи да испаднеме од АБА2, за што делумно е и наша вината и одговорноста.

Вистинските наши поддржувачи се оние кои и покрај ваквата негативна атмосфера што вештачки се создава околу нашиот клуб, ќе дојдат и ќе дадат поддршка на овие наши момци кои достоинствено го претставуваат клубот и се борат за овој дрес. Клубот не се сака само кога победува, туку и кога резултатите не одат според планираното.

Ова раководство, кое е отворено и транспарентно од самиот почеток, се покажа и докажа со правецот во кој се движеше клубот изминативе три сезони и покрај надворешните влијанија и предизвици со кои се соочивме. Спортски им ги честитаме победите на сите клубови, но за разлика од маалските клубови, ние покрај победите ги броиме и трофеите, кои постојано завршуваат во нашите витрини, стои во долгото соопштение од МЗТ Скопје.

Аеродромци очигледно ќе претрпат нови промени во играчкиот кадар, па екипата ќе добие малку поинаков лик за остатокот од сезоната во кој повторно ќе ги нападнат двата трофеи во македонската кошарка.

Претходна вестНовата сириска влада: Жените можат да се облекуваат како сакаат, личната слобода на сите им е загарантирана
Следна вестДел од неколку општини во Скопје без струја