Фино што почна Европското Првенство у фудбал и пак со мерак уклучувам телевизор. Порано не ми се фаќаше даљинското – знам дека одма некој политичар или јак аналитичар ќе рипне од екранот у мојата соба. А кога таков ќе те начека, те утепува од уверување дека у Македонија се е прва лига, особено откако Шекеринска седна на столчето у НАТО и инвеститори нагрнаа од сите страни прибидејќи оваа власт не сака корупција.
Е, да де, има и политичари кои претеруваат со убедување дека се е црно, ама нив повеќето уредничиња ги суредуваат – ретко ги канат у студио.
Туку муабетот ми беше за фудбалот. Сега со мерак си гледам телевизија, ама само додека не почнат турските серии. Тогај морам да се повлечам, жена ми има изгледано 112 епизоди од едната серија и сега не може да и прекинам уживањето да ја изгледа и 113-тата. Па после има и една друга која е до 63-тата епизода стасана…
Затоа ја уствари со друг муабет тргнав да пишувам, односно да замолам тоа македонските телевизии – може ли да престанат со турските серии барем додека е европското првенство? Ја два телевизори не можам да купам и затоа молам за помош. И ја сум душа, сакам фудбал да гледам.