Сотировски: Крстот на Попова Шапка е поставен на манастирски имот, што правиме со многуте објекти изградени на државно земјиште?

Крстот на Попова Шапка е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола, реагира вчера Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Сотировски реагира на случајот со поставувањето на крстот висок 15 метри кај манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка а што предизвика политички кавги во општина Тетово. Советниците на партијата ДУИ вчера побараа итно одржување на седницата на општинскиот Совет на Тетово, а општината Тетово соопшти дека не е издадена дозвола да се постави крст на државно земјиште и дека ќе се дејствува согласно законот.

Сотировски повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.

-На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот, прашува Сотировски.

Советниците од ДУИ вчера побараа итно да се свика вонредна седница на Советот на Општината со само една точка на дневниот ред: „Информација за поставување крст на Попова Шапка“. Седницата беше свикана во рекордно време и се одржа во доцните попладневни часови. Партискиот координатор Лиридон Диша побара информација какви активности презел општинскиот инспекторат за да се спречи поставувањето на овој верски објект на Попова Шапка.

Бесарта Рамадани, порпаролка на Општина Тетово изјави дека инспекцијата е излезена на терен.

-Општинските инспектори излегоа на самото место за да ја утврдат фактичката состојба и за проценка на ситуацијата, по што ќе бидат преземени законски мерки со што ќе се гарантира спроведување на прописите и процедурите. Општина Тетово и во овој случај ќе ги почитува сите законски процедури, рече таа.

Раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани, пак, рече дека сè е направено според процедурите од страна на општинскиот инспекторат.

-Излеговме на лице место, направивме увид на објектот, побаравме од сопствениците дали имаат решение за градба, претставниците од црквата ни покажаа само имотен лист, направивме записник и понатаму ќе постапуваме според процедурите, изјави тој.

Од црковниот одбор при манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка информираат дека крстот е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.

-Крстот не е поставен на државен имот. Крстот е поставен на црковно земјиште, како верско обележје и претставува урбана опрема, информира Богосав Божиновски, член на црковниот одбор.

На вонредната седница на Советот на општината, Анита Бошкоска-Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ изрази фрапираност.

-Ова е работа на институциите. Кај нас постои секуларност на општеството. Ние сме за почитување на законите, но со еднаков третман за сите чинители во општеството. Не ја гледавме ваквата ваша загриженост кога се градеше џамијата на Попова Шапка, а ние македонските верници воопшто не бевме против верските чувства на муслиманите. Во овој случај, покрај законито постапување на службите, повикуваме и на разум, за да не се разгорат верските тензии меѓу граѓаните. Потенцирам, се работи за постамент поставен на имот на Македонската православна црква. Крстот е составен дел на храмот и не може да се третира како посебен објект, изјави таа.

Овој став на ВМРО-ДПМНЕ беше подржан и од советничката група на СДСМ, но бурната расправа на седница на Советот продолжи со обвинувањата меѓу ДУИ и БЕСА по што советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. По речиси еден час расправија и советничката група на ДУИ ја напушти седницата па поради немање кворум претседавачот Дурмиши ја затвори расправата и вонредната седница заврши.

 

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди, попладне дожд
Следна вестРускиот бизнисмен Самсоненко, неговата сопруга Ирина и мајката на Орце Камчев на црната листа на САД