Категоричен став против отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ зазел Советот на општината на Благоевград, Бугарија. Ова се случува во пресрет на најавеното отворање на клубот предвидено за 30-ти октомври. Општинскиот Совет на Благоевград (Горна Џумаја) усвои декларација со која „категорично се спротивставува на антибугарската провокација“ со отворањето на македонскиот културен клуб Никола Вапцаров“.
– Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации, се вели во декларацијата.
Советникот Кирил Илиев од ГЕРБ, како што пренесе Експрес, изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во градот.
Клубот „Никола Вапцаров“ се основа од Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а финансиски е помогнат од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДПЧ) од Канада, веќе има изнајмено простории во Благоевград, кој е најголем град во Пиринска Македонија. Но, уште пред неговото официјално отворање веднаш по поставувањето на таблата од истата беше извадена буквата „М“ од зборот „Македонски“.
Од друга страна, претседателот на Градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков, на својот профил на социјална мрежа Фејсбук објави дека двапати телефонски бил повикуван од инспектор на бугарската полиција без да му биде соопштено која е причината.
– Тензијата во Благоевград ја чувствуваме и ние Македонците од ОМО „Илинден“. На 14.10.2022 (во петокот) телефонски се јави Давид Кавраков инспектор во полицијата во Благоевград, да се пријавам на 17.10.2022 година во 9.30 часот наутро. Прашав за што ме бараат, но не ми беше даден одговор. Денеска 17.10.2022 година во 10.00 часот сабајле, повторно телефонски се јави инспекторот Кавраков, на кого му одговорив дека нема да одам без покана. Ми се закануваа дека ќе ме одведат насилно во полиција со лисици и полицаец, силата на законот целосно ќе се примени врз мене, соопшти Кирјаков.
Наспроти овие официјални спротивставувања на властите во Бугарија, во Македонија веќе се отворени два бугарски клуба, „Ванчо Михајлов“ во Битола, како и „Цар Борис Трети“ во Охрид, а најавено е отворање на бугарски клуб „Цар Фердинанд“ и други. И досега ниту централната власт во Македонија, ниту локалните власти не реагирале како во Бугарија.
Македонските власти, како што беше случајот пред некој ден, реагираа кога беше оштетена таблата во Охрид, а Министерството за надорешни работи веднаш го осуди овој чин.
Инаку, уште летоска, премиерот Димитар Ковачевски најави дека и Македонија ќе отвори културен клуб во Бугарија, како што таа го прави во нашата земја. Но, ветувањето остана само уште едно од многуте неисполнети.