Совет за безбедност: Осудени воените дејства на Русија, нашата безбедност е стабилна

Националниот Совет за безбедност денеска ги осуди воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета.

Членовите на Советот на денешната седница констатирале дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека е потребно надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување.

На седницата е информирано и дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции беа задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.

Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, државата ги презела неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев, констатирале државните претставници.

Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО.

 

Претходна вестПродолжуваат воените дејствија во Украина, се бројат жртви, светската јавност реагира
Следна вестСкопје повторно ќе има Луна парк