Да се вратат старите имиња на неколкуте улици во наслебата Лисиче и да не се применуваат нови 83 имиња со кои беа означени нивните делови во 2021 година, бара Советот на скопската општина Аеродром.
Советот на Аеродром, на последната одржана седница одржана на 10 јули, усвои иницијатива со која се бара од Советот на Град Скопје да донесе одлука за враќање на старите имиња на улици кои се наоѓаат на територијата на општината.
Од општината наведуваат дека оваа иницијатива доаѓа по директно барање на граѓаните, откако во 2021 година, над 80 улици во Лисиче беа преименувани.
– Со една непромислена одлука во март 2021 година, на предлог на Шилегов, се направи хаос во системот на имиња на улици, каде што повеќе од 80 улици во Лисиче беа преименувани. Искрено се надевам дека Советот на Град Скопје сериозно ќе ја разгледа оваа наша иницијатива и во најскоро време ќе донесе одлука за враќање на имињата на улиците, во интерес на жителите на овие улици, вели претседателот на Советот Дејан Митески.
Така на пример, деловите од старата улица „Тодор Чангов“ во 2021 година беа именувани по имињата на Илија Џувалековски, Љупка Џундева, Сашко Гешовски, Ристо Аврамовски, Тома Прошев, Абдурахман Шаља, Борислав Градишки, Веселинка Малинска…, а на старата улица „Тодор Чангов“ по имињата на – Димитрие Османли, Климе Савин, Шишман Анегловски, Бранко Гапо, Благој Истатов, Ненад Стојановски, Димитар Илиевски – Мурато…