Советот на општина Карпош усвои ДУП, за кој „Левица“ и „Независни за Карпош“ имаа резерва

Со 16 гласа за, советниците од Општина Карпош денеска го усвоија Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, Блок 3 04. 05, за просторот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој беше единствена точка на дневниот ред на денешната вонредна седница на Советот на Општината.

Како што соопштија општинските власти, ДУП-от е со плански опфат од 4.88 хектари и се протега од Север и Запад по оска на новопланираните сервисни улици „С3″ и „С4″, од Југ по оската на новопланираната улица „С1″ и од Исток, по должина на градската магистрала Булевар „8. Септември”. Според ДУП-от, се предвидува намена на просторот за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.

-За ДУП-от гласаа советниците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, додека пак советниците од Левица и Независни за Карпош не присуствуваа на денешната седница. Градоначалникот на Општината, Стевчо Јакимовски ја образложи ургентноста од донесување на оваа планска документација, стои во соопштението.

Во информацијата се наведува дека планот е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Вонредната седница и усвојувањето на ДУП-от се случува ден пред судското рочиште на кое требаше да се соопшти пресудата, со која Општина Карпош ќе требаше да плати милионски сума евра на тужителот „Пуцко Петрол“. Општината беше тужена поради тоа што Уставниот суд го поништи претходниот план, со кои на тужителот му била нанесена штета. ДУП-от што е денеска усвоен, беше презентиран пред граѓаните минатото лето и во него, исто како и во претходниот, е вцртан простор за изградба на бензиска пумпа покрај булеварот Осми Септември.

Од друга страна Бранко Ристов, член на Президиум на Левица и претседател на Совет на општина Карпош, синоќа на социјалните мрежи објави дека „нема да ја свика седницата“.

После вчерашниот состанок со сите советници на Општина Карпош, каде државен правобранител се дрзна да најави кривични ако ДУПот не помине, одлучив да не свикам седница и вечерва ги известив сите советнички групи. Седница под уцена од страна на партиски пајташи со функција, нема легитимитет и таква седница јас не можам да одржам. Деловнички имаат можност да одржат седница за спас на Пуцко. Па нека ја држат без мене и останатите советници од Левица. За разлика од другите партии ние сме во политика за јавен интерес, а не да слугуваме на капиталот и коалициските интереси, потенцира Ристов.

И од групата „Независни за Карпош“ соопштија дека им била побарана „соработка“.

-Ни беше укажано дека доколку не се соработува ќе биде должен да пријави кривична одговорност до ЈО според член 12 и 13 од Закон за Државното правобранителство. Од она што ние успеавме да најдеме е следно:  Во ГУП парцелата е со намена А+Б, во ДУП З04 донесен 12.07.2016 се појавува плац за бензинска пумпа – намена Е2, Јавното наддавање за продажба на државно земјиште – ГП бр.8.2 на 05.10.2016 година, Договор – немаме податокЗошто се чекало да се добие градежна дозвола повеќе од 1.5 година? Кои биле причините?, соопштија независните советници.

Претходна вестИ родителите да учествуваат во ревизијата на концепцијата за основно донесена од Царовска
Следна вестНови 467 заразени и 14 починати