Создаден робот за тестирање на дрога

Научници од Универзитетот на Британска Колумбија произведоа прототип на робот за тестирање за дрога, што првпат го тестираа на музички фестивал одржан во Канада овој викенд. Машината е изум на професорот Џејсон Хајн и студентката Сара Гузман, со поддршка на властите. Станува збор за пренослив робот опремен со течна хроматографија со високи перформанси.

– Сакаме ова да биде нешто едноставно како одење во „киоск“ и депонирање на примерокот, додека роботот се грижи за сѐ останато и потоа го нуди резултатот од анализата. Сакаме да се увериме дека машината може да работи на терен, па бараме можности некој да нѐ угости. Организаторите на фестивалот беа заинтересирани за ова, вели проф. Хајн.

За време на музичкиот фестивал, улогата на роботот била да ги идентификува супстанциите во примероците. Процесот на анализа трае 15 минути. Според иноваторите, интересот засега е прилично голем.

– Министерството досега беше „преплавено“ со примероци чии резултати пристигнуваат две недели подоцна. Тоа е премногу доцна! …Уредот сѐ уште нема да биде нешто до кое студентите ќе имаат лесен пристап, но тие ќе може да дојдат во нашата канцеларија, да остават примерок во сандачето, а потоа ќе го тестираме веднаш по регистрацијата. Затоа, процесот ќе трае еден ден или повеќе, наместо неколку минути, додаде научникот.

Тимот има амбициозни планови да ја вметне својата програма на Универзитетот каде што корисниците ќе можат да остават примерок за бесплатно тестирање.

Ако сѐ оди според планот, велат, за кусо време следи и мала лабораторија во облик на „киоск“ кај кампусот, каде што корисниците ќе имаат пристап како до банкомат.

Претходна вестЗемјоделците од Овчеполскиот регион бараат итно да се пушти вода за наводнување
Следна вестБензините поскапуваат за еден денар