Полицијата во Кина спасила околу илјада мачки од камион кој се упатил кон кланица, објавија државните медиуми, откривајќи дел од илегалната трговија во која месото од мачки се продава како свинско или јагнешко месо. Како што објави Си-Ен-Ен, по дојава од активисти за права на животните претходно овој месец, полицајци од Џангџиаганг, во источната кинеска провинција Џиангсу, пресретнале возило што се користи за собирање и транспортирање на заробени мачки.
Без интервенција на активистите, заробените мачки најверојатно ќе биле заклани и испратени на југот на земјата каде што од нивното месо ќе се прават свинско и јагнешко ражен, како и колбаси, се вели во извештајот на Пејпер, цитиран од американскиот медиум.
Полицијата и земјоделските власти ги сместиле спасените мачки во блиското засолниште, пишува Пејпер, додавајќи дека луѓето вклучени во бизнисот можеле да заработат 20.500 долари.
Во написот не се споменува дали имало апсења за целата работа или дали се работи за мачки скитници или домашни миленици.
Весникот објави дека активистите за правата на животните забележале голем број заковани дрвени кутии полни со мачки во близина на локалните гробишта, по што тие патролирале по улиците шест дена и кога камион почнал да ги пренесува мачките до кланицата, тие интервенирале и ја повикале полиција, се вели во извештајот.
Еден активист рече дека околу половина килограм месо од мачка може да се продаде за околу 4 долари, а од секоја мачка се добиваат од 1,7 до 2 и пол килограми месо.
– Некои луѓе ќе направат се што е потребно затоа што тоа е профитабилно, изјави за Пејпер, Гонг Џијан, активист кој гради засолниште за скитници во Џиангсу.
Извештајот предизвика нов бран на загриженост за правата на животните и безбедноста на храната на кинеските социјални медиуми, при што многумина повикаа на поголем владин надзор.
Иако Кина има закони кои го регулираат и штитат добитокот и загрозените животни, не постои општ закон кој се однесува на злоупотребата на домашните миленици и кучињата и мачките скитници.
Правата на животните и еколошките здруженија долго време се борат против употребата на делови од животинско потекло, вклучително и многу загрозени видови за традиционална медицина. Исто така, расте противењето на годишниот фестивал на кучешко месо во Јулин, во западниот автономен регион Гуангкси.