Првоосомничениот за убиството на 14- годишната Вања Ѓорчевска и на 74- годишниот Панле Жежовски, Љупчо Палевски- Палчо е уапсен во турскиот град Баликесир, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На прес-конференцијата тој ги изнесе деталите за апсењето на Палевски.
-Уапсен е креаторот, планерот, главниот координатор и директниот извршител на овие грозоморни дела. Тој беше последната алка од овој грозоморен чин, која недостасуваше за да кажеме дека сме завришле се како Министерство за внатрешни работи. Со „Шкода Суперб“ , Љупчо Палевски е однесен во Белград и оставен во хотел. Потоа со „Ланд Ровер“ е пренесен преку Бугарија во Турција во градот Баликесир. Нашите служби од Центарот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно со властите и полицијата и еден нивни оперативен извор кој за кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека оттука сака да замине за Истанбул. Се подготвува со такси возач да оди во Истанбул и тука има негово симулирање дека ќе оди и повторно се враќа назад во Баликесир. Потоа е уапсен од страна на турската полиција додека се движи пешки по еден од автопатите во Баликесир, посочи Спасовски.
По него била пратена црвена потерница. Постапката за екстрадиционен притвoр е во рацете на Министерството за правда, а потоа тој ќе излезе пред лицето на правдата.
-Правдата е совест, не лична туку совест на целото човештво. Правдата затоа треба да биде брза и целосно спроведена, потенцира Спасовски на прес конференцијата.
Спасовски рече дека е направена веќе привичната пријава и тоа на 100 страници.
-Кривичната пријава е веќе изготвена на повеќе од 100 страници, вклучувајќи ги и доказите и предадени се во ОЈО. Со неа се опфатени 5 лица, од кои 1 за грабнување и убиство, тројца за грабнување и соизвршителство и еден за помагање. Од овој момент натаму, предметот е во надлежност на ОЈО“, кажа Спасовски.
Уапесен бил и возачот кој го возел Палевски преку Бугарија кон Турција. Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил – Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка „Ланд Ровер“, управувано од осомничениот.