Спасовски за приведувањето на Дрин Ахмети: Полицијата си ја заврши работата, сега треба да постапи Обвинителството

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пронајдените пиротехнички средства во возилото на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети и косопственик на трговскиот центар Соравија, денеска изјави дека се преземени сите потребни активности од полициски аспект и оти понатаму Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува со овој случај. Toj нагласи дека поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.

– За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај.Треба да се земат предвид сите овие факти и докази кои се и на основа на тоа ќе ги донесе одлуките Јавното обвинителство, појасни министерот за внатрешни работи, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети.

Министерот истакна и дека Новогодишната ноќ на територијата на цела држава помина главно мирно.

– Што се однесува за изминатава вечер, на територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на целата држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна. За таа цел од страна на полицијата беше засилено присуството на терен и беа преземени координирани и насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба. Имаме неколку карактеристични случаи за кои преземаме мерки за расчистување. Тие карактеристични случаи се далеку помалку од изминативе години, рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.

Спасовски со дел од раководството на МВР на првиот работен ден во Новата година беше во посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде што оствари работна средба со раководствата на Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје.

Претходна вестНемири и бунтови во Франција на новогодишната ноќ, уапсени 400 луѓе
Следна вестОблачно со локални врнежи од дожд