Спиропали се надева дека одлуката на Уставниот суд за Законот за јазиците ќе биде во духот на Охридскиот договор

Надеж дека макеоднскиот Закон за јазиците ќе биде целосно имплементиран и дека одлуката на Уставниот суд на земјава, кој треба да одлучува по ова прашање, ќе биде во духот на Охридскиот рамковен договор, изрази денеска претседателката на парламентот на Албанија, Елиса Спиропали. На заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот на македонското Собрание Африм Гаши таа рече дека ја разбира загриженоста на Албанците во Македонија.

-Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор, рече Спиропали.

Таа додаде дека така ќе биде и со примената на правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во Македонија.

-Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, заснована и на оваа геополитичка реалност на регионот и во взаемниот интерес, ќе продолжи согласно современите демократски стандарди на мултиетничкото општество, рече Спиропали.

Таа говореше и за инфраструктурните проекти и порача оти се горди што двете земји, заедно со Италија и Бугарија, го започнале големиот заеднички проект – Коридорот 8.

-Едвај чекам да го поминам патот Тирана-Скопје и обратно преку овој Коридор, рече претседателката на албанскиот парламент.

Нејзиниот домаќин, спикерот на македонското Собрание Африм Гаши, говорејќи во контекст на евроинтеграциите, рече дека на средбата со Спирополи заклучиле дека наредниот период Балканот го очекуваат многу предизвици.

-Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нè мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата. Си поставивме заедничка цел, како приоритети од заемен интерес, поефикасно да ги користиме ЕУ фондовите, заеднички да учествуваме во нови проекти во рамките на ИПА, но пред сè е потребно е да работиме на продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на Република Северна Македонија и Република Албанија како и целиот балкански регион, рече Гаши.

Претходна вестСДСМ: Очајни маневри на ВМРО-ДПМНЕ, Меџити призна дека власта има договор да го закочи Законот за бранители
Следна вестТепачка во затворот Идризово