Измените во Изборниот законик со кои се прецизира набавката на скенери за земање отпечатоци од прсти и нивна употреба при гласање на избори се договорени и утврдени до Државната изборна комисија и од вчера се во Собранието.
Измените опфаќаат и менување на периодот на одржување на локалните избори, наместо во првата половина од октомври годинава, тие ќе се одржат на 24 или на 30 октомври.
Употребата на скенерите со кои ќе се идентификуваат гласачите веќе беше вметната во Изборниот законик, но, како што појасни Маричиќ, таа не била доволна за операционализирање на процесот.
Ова е само еден дел од измените во Изборниот законик кој вчера беше тема на разговор помеѓу Заев и Мицкоски. Понатаму треба да следува друга фаза со која ќе се вметнат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Маричиќ вели дека работната група во Министерството ги разработила сите препораки, а сега останува партиите да ги погледнат предлозите и да донесат одлука во која форма тие ќе се имплементираат во Изборниот законик.
За измени во однос на изборните модели – избор на градоначалник во еден круг, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и отворени листи за советници на локалните избори, по предлог на власта дискусијата, сè уште не е започната. Маричиќ денеска изјави дека вакви измени би треба да почне да се разгледуваат наскоро откако ќе заврши разгледување на предложените измени според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.