Ќе стане ли ѓубрето и официјално обележје на градот Скопје? Ако се суди по она што се случува со градските симболи кои се вградени во градскиот грб одговорот е потврден. Доказ за тоа е и кулата на Скопското Кале која деновиве е претворена во вистинска депонија. Купишта отпадоци, кеси, лименки, пластични шишиња последниве недели се депонирани во нејзиното подножје и стојат неизчистени со недели и недели. Ваквата глетка ја забележаа и граѓаните кои фотографиите од ова ги споделија во групата „Не биди ѓубре“ на социјална мрежа Фејсбук.
-Ужасна е глетката на Кале, од самиот влез од десната страна купишта насобрани вредни ископини третирани како обични камења. Отпадоци буквално на секој чекор. Каде и да се завртиш, ужасно изгледа а е во центарот на нашата “метропола” Да не спомнам дека самите ископини не се обележани, со некакво значење. Буквално сѐ е оставено на времето. Калето е обележје на Скопје ставено на сите туристички страни. Се срамам во каква депонија е претворено, изјави за „Скопско ехо“ граѓанката Ирена Јовчевска која што ги снимила фотографиите.
Надлежните досега не реагирале на оваа депонија и прашање е до кога таа ќе остане неисчистена. Вакво нешто не смее да се дозволи. Освен, доколку некој не сака и ѓубрето да се најде на градскиот грб.