Србија отвори Конзулат во Охрид

Продолжување на билатералните, пријателски и добрососедски односи меѓу Македонија и  Србија значи денешното отворање на српскиот Конзулат во Охрид, каде за почесен конзул е избран охриѓанецот Михајло Филев. На свеченоста присуствуваа министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, вицепремирката Славица Грковска, министрите за правда Никола Тупанчевски и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска,  градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и други гости.

Билатераланите односи меѓу двете земји, според шефот на српската дипломатија, се добри во многу сегменти, втемелени на заедничка историја и блиските врски на двата народи, но и заедичката определеност за иднина.

– Соработката со соседните земји во чувањето на мирот и стабилноста на регионот, тежнеењето на полноправно членство кон ЕУ, се приоритети на надворешната политика на Република Србија и овие наши приоритети веројатно секој би помислил дека се приоритети, што и така е, и на Република Северна Македонија, рече Селаковиќ.

Тој изрази уверување дека отворањето на Конузлтот во Охрид, кој ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа, ќе овозможи унапредување на соработката на Република Србија со Република Северна Македонија.

– Тоа што денес го правиме еден ден ќе биде историја, а на тоа што е историја не можеме да влијаеме, но на ова што го работиме денес ние и тоа како влијаеме и така ја создаваме историјата. Ќе се бориме таа историја да биде проткаена со мир, стабилност, толеранција и пријателски односи, нагласи Селаковиќ.

Министерката Костадиновска – Стојчевска подвлече дека отворањето на Конзулатот е уште една потврда и силен поттик за унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка меѓу две блиски и пријателски земји.

– Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата, кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите свери на творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји, кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи, рече министерката за култура.

Најави дека наскоро треба да биде потпишана и новата програма за културна соработка која значително ќе ја зголеми презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.

Почесниот конзул на Србија, Михајло Филев смета дека отворањето Конзулат во Охрид е голем подвиг во зближувањето на двата братски народи.

 

– Ваквиот чекор не претставува мост за зближиување, бидејќи мостот веќе постои, туку надградување на тој мост со нови чекори за поуспешна афирмација и презентација на српската добронамерност и, пред се, братска блискост покажана и докажана многу пати во минатото и денес. Нека овој простор на почесниот Конзулат биде само средиште од каде во целост низ цела област ќе се воспоставува нашата соработка низ патот кој го продолжуваме генерациски за подостојно постојано културно и политичко поврзување, порача Филев.

Конзулатот ќе ги опфаќа со работа општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.

Претходна вестЛавров: Разумна одлуката на патријархот Порфириј за евхаристичко единство на СПЦ со МПЦ-ОА
Следна вестМаричиќ: Последните 5 години нема купување гласови во Собранието, сега имаме доволно време да ги убедиме пратениците