Србија размислува за враќање на војската во Косово, повреден полицаец

Србија размислува за враќање на 1.000 припадници на безбедносните сили на Косово, соопшти  шефот на Канцеларијата на Србија за Косово, Петар Петковиќ. Според него Курти сака да предизвика насилство и да ги протера Србите .

– Белград ќе го разгледа враќањето на 1.000 наши безбедносни сили на Косово, како што е предвидено во „Резолуцијата 1244“. Претседателот Вучиќ многупати повтори дека никогаш нема да се повтори ниту погром ниту Бура, истакна Петковиќ.

Ваквата реакција  на Петковиќ следи по ескалацијата на состојбата која се случува деновиве. Во средата, неделава во Северна Митровица беа фрлени две експлозивни направи, а ден претходно имаше инциденти во Северна Митровица и Зубин Поток, кога беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово. Во инцидентот беа употребени огнено оружје и рачни бомби.

Припадник на косовската полиција е полесно повреден во вооружен напад што синоќа околу 23 часот се случил во селото Србовац во општина Звечан на северот на Косово.

Како што соопштија од косовската полиција дежурни единици биле нападнати од „лица вооружени со долги цевки, од возило „ауди“, со сива боја и регистарски таблички со ознака КМ (Косовска Митровица)“, какви што издаваа властите на Србија до сега.

Во четири општини на северот на Косово, Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, живее мнозинско српско население. Во овие општини за 18 декември се закажани вонредни локални избори на кои се противи Српска листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од официјален Белград.

Претставниците на Српската листа, кои водеа четири општини на север, поднесоа оставки на почетокот на ноември, незадоволни од одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира возилата од српски во таблички со ознака РКС (Република Косово).

Претходна вестПак дојави за бомби, евакуација на учениците во „Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“…
Следна вестПри претрес кај тетовец со живеалиште во Скопје најдени пиштол и муниција