Средношколците ќе учат до 10-ти јуни, нова одлука на МОН

Учебната 2023/2024 година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, реши Министерството за образование откако го прифати барањето на Сојузот на средношколци наставата наместо на 17 јуни да заврши седум дена порано.

а основците останува одредбата да учат до 17 јуни, а и едните и другите ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.

МОН ќе треба дополнително да донесе одлука и како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај, и дали тоа ќе влијае на рокот за завршување на учебната година. Ресорниот министер Јетон Шаќири денеска рече дека кога ќе има одлука на Владата, јавноста ќе биде известена.

-Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни,  тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме, рече Шаќири денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Посочи дека ќе се разгледа во Влада и прашањето за неработните денови заради изборите.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени во календарот на вкупен број денови годишно за реализација на наставата. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири.

Учениците во основните и средните училишта се уште два дена на распуст и на настава ќе се вратат в понеделник, 22 јануари, за второто полугодие од учебната 2023/2024 година.

Претходна вестСнежен хаос во Норвешка, паѓа толку многу снег што луѓето излегуваат од дома преку прозорците
Следна вестСупербогатите ги молат политичарите: Оданочете го нашето богатство!