Српската православна црква (СПЦ) денеска ќе почне постапка за избор на нов 46-ти поглавар по смртта на Иринеј кој почина од последици на ковид- 19. Седницата на Саборот, наместо во зградата на Патријаршијата како што беше случај досега, ќе се одржи во криптата на Храмот „Свети Сава“ во Белград. Процедурата предвидува 43-ца владици, членови на Саборот прво да изберат тројца кандидати кои мора да ја добијат поддршка на повеќе од половина на членовите. Потоа, нивните имиња се ставаат во три плика кои потоа се стават во Евенгелие од кое определениот монах архимандрит Јован ќе го извлече едниот со име на новиот патриајрх.
Условите за избор ги исполнуваат 34 владици. Според пишувањето на српските медиуми покрај епископот бачки Иринеј, во игра за избор се и епископот будимљанско-никшиќки Јоаникиј, бањалучкиот епископ Јефрем, митрополитот дабро-босански Хризостом и митрополитот загребско-љубљански Порфириј. Доколку се суди според медиумската експонираност и вештини, тогаш двајца кандидати кои, по се изгледа и се симпатични на власта, се истовремено и изразито медиумски писмени: Иринеј е и шеф на прес-службата на СПЦ, а Порфириј беше член на Регулаторното тело за електронски медиуми. Се проценува дека мали се шансите на либералниот владика Григориј.
Изборот на новиот патријарх е важен и за Македонска православна црква која со СПЦ води спор околу признавањето на нејзината автокефалност. Новиот патријарх ќе треба да реши дали ќе ја прифати поканата на Вселенската патријаршија за средба на која ќе се решава ова прашање. Македонските црковни и државни власти од Вселенската патријаршија побараа да се вклучи во спорот како второстепена инстанца.