За српскиот патријарх Порифириј архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан сега стана архиепископ на Северна Македонија. Вакво именување на македонскиот поглавар се случи на вчерашната богослужба којашто српскиот патријарх ја одржал во црногорскиот град Херцег Нови на верскиот празник Голема Богородица. Порталот Религија.мк објави дека тоа се случило кога духовниот водач на Српска православна црква ги набројувал сите поглавари на помесни православни цркви, меѓу кои и архиепископот г.г. Стефан. Во делот каде ги спомнува имињата на црковните поглавари кои ја имаат титулата архиепископи и митрополити тој спомна повеќе достоинственици.
-Блаженејши митрополити и архиепископи, кипарскиот Хризостом, атинскиот Ероним, полскиот Сава, албанскиот Анастасиј, словачкиот и на чешките земји Растислав, на Северна Македонија Стефан…, рече српскиот патријарх Порфириј.
СПЦ, познато е, неодамна реши да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА при што на заедничките богослужби во Белград и во Скопје српскиот патријарх го користеше името Македонска православна црква – Орхидска архиепископија а за македонскиот поглавар архиепископ охридски и македонски Стефан.
Набрзо, подоцна, влијателниот српски владика Иринеј бачки во статијата за грчкиот верски портал Ромфеа.гр изјави дека СПЦ е „неправедно обвинета за фаворизирање на името Македонска православна црква“.
– Згора на тоа, ние сме тажни секогаш кога не обвинуваат дека не само што го користиме името „Македонска православна црква“, туку дури и дека го поттикнуваме, нагласуваме и го наметнуваме. Овие наводи и обвинувања воопшто не се точни. Во издадениот томос, повторно, по којзнае кој пат, беше повторена оваа препорака и охрабрувањето „новата сестринска црква да го реши прашањето за нејзиното официјално именување преку директен братски дијалог со грчко говорните и другите помесни православни цркви, посочи тогаш епископот бачки Иринеј.